Специјалниот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шол и косовскиот премиер Албин Курти разговараа за денешната средба на високо ниво во Брисел во рамки на дијалогот Белград-Приштина и спроведувањето на Заедницата на српските општини.
„Многу добар разговор со премиерот Албин Курти за лидерската средба на 2 мај за нормализација на односите со Србија преку дијалог, важноста од итно спроведување на ЗСО и силното партнерство меѓу САД и Косово“, напиша Шоле на Твитер.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и Курти вечерва во Брисел ќе го продолжат дијалогот под покровителство на ЕУ, а во фокусот на средбата ќе биде имплементацијата на договорот.
Според соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на средбата ќе се разговара за имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, за кој Вучиќ и Курти постигнаа договор на 18 март во Охрид.