Во центарот на Прилеп вечерва започнува 23. издание на Пиво фест, кој ќе трае до недела. Организаторите најавија три фестивалски вечери со музичка програма за различни вкусови, алтернативна сцена, детска зона, фан-зона за фотографирање, повеќе видови пиво и скара.

На просторот од околу 3.000 квадратни метри ќе бидат поставени штандови на пивари со понуда од 20 видови пиво, како и угостителски содржини. Вечерашната програма почнува со диџеј, а потоа ќе настапат Бонгас, Огнен Здравковски и Џенан Лончаревиќ, изјави водителот Илија Волчески, кој манифестацијата ќе ја води заедно со Симона Илиеска.

Покровител на фестивалот е Општина Прилеп, која за неговата организација одвои два милиони денари. Градоначалникот Дејан Проданоски рече дека инфраструктурата е целосно поставена, јавните комунални претпријатија се подготвени, а безбедноста ќе биде на соодветно ниво.

„Подготвени сме за манифестацијата. Ќе ги пречекаме гостите најубаво и ќе има добра забава, музика, храна, различни пива и скара“, рече Проданоски, повикувајќи ги прилепчани да не користат автомобили за да се ослободи простор за паркирање на посетителите од другите градови.

Во сабота како главна музичка ѕвезда е најавена Милица Павловиќ, додека фестивалот во недела ќе биде затворен со настапот на Јелена Розга.