Министерството за спорт официјално ја пушти во употреба обновената патека

Велес доби современа атлетска патека изградена според ИААФ стандардите, со што беше ставен во функција проект за кој спортистите и спортските работници во градот со години бараа реализација. Обновената патека на градскиот стадион денеска официјално беше пуштена во употреба.

На настанот присуствуваа министерот за спорт Борко Ристовски, градоначалникот Марко Колев и македонскиот маратонец Дарио Ивановски.

Ветувањата имаат тежина само ако ги исполнуваме

Министерот Ристовски изрази задоволство што проектот е реализиран за краток период и порача дека институциите треба да стојат зад дадениот збор.

„Драго ми е што излеговме во пресрет на барањата на велешани и што го исполнивме ветувањето. Оваа атлетска патека комплетно ја реконструиравме во рекодно време, почнавме кон средината на април и за два месеци патеката е готова. Ние како Министерство за спорт и како Влада ќе се трудиме секогаш да помагаме таму каде што барањата соодветствуваат на нашите можности. Најважно од сѐ е дека отпочнавме еден капитален бум низ целата држава. Вакви проекти реализираме низ целата држава и ова не е важно само од спортски аспект, важно е и за рекреирање, важно е и за социјалниот живот и за градење на вредности кои како Министерство за спорт сакаме да ги промовираме, особено меѓу младите“, истакна Ристовски.

Инвестиција од над 19 милиони денари

Проектот е финансиран од Министерството за спорт, а неговата вредност изнесува 19.290.000 денари. Реконструкцијата започна во април годинава, при што беше отстранета старата тартан-подлога, извршени се тампонирање и асфалтирање, а потоа е поставена нова еластична спортска подлога со ИААФ сертификат.

Атлетската патека зафаќа површина од 4.700 квадратни метри. Од нив, 3.900 квадратни метри се наменети за кружната патека, додека 800 квадратни метри се предвидени за останатите атлетски дисциплини.

Патеката е исцртана со шест ленти, освен правецот од 100 метри покрај трибината, каде што има осум ленти. Таа е маркирана за сите атлетски дисциплини согласно ИААФ стандардите.

Станува збор за втор ваков проект на Министерството за спорт, по изградбата на атлетската патека во Гевгелија во 2024 година, како дел од повеќе од 70 спортски проекти реализирани низ државата во изминатите две години.