Министерот за здравство Венко Филипче денеска веројатно се разбуди со информацијата дека неговиот Твитер профил е суспендиран, односно социјалната мрежа ставила предупредување при пристап на неговиот профил. Веста прв ја објави Радио Лидер.
На профилот може да се пристапи само откако ќе се согласите дека сте го прочитале предупредувањето.
Критериумите на социјалната мрежа, велат дека еден профил може да биде привремено ограничен, доколку тој се смета за „компромитиран“ или пак прекршил одредени правила или услови за користење.
Сепак, последните објави на Филипче на прв поглед не наведуваат на ништо такво. Последните три нешта кои тој ги има објавено, се однесуваат на пристигнување на нова терапија за заболени од Ковид-19, вест од Хелсиншкиот комитет за човекови права и молба од министерот за споделување на местата на кои ќе се одвива теренската вакцинација.