Партијата тврди дека се блокира законот за кој со месеци се преговарало
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека СДС и Левица со поднесување на над 10.000 амандмани го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик. Од партијата велат дека станува збор за закон на кој со месеци работеле политичките партии со цел да се постигне широк консензус.
„Паднаа маските за коалицијата на Венко Заев и Апасиев. Со над 10 илјади амандмани, СДС и Левица свесно го блокираат носењето на новиот Изборен законик, закон на кој со месеци работеа политичките партии со цел да се постигне широк консензус“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувања за електронското гласање и за улогата на Левица
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДС не сака македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат.
„На Венко Заев и СДС не им одговара македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат. Причината е едноставна, затоа што Венко и СДС знаат дека ја изгубија довербата кај Македонците, и дома и надвор од државата. Затоа прават се за да го ограничат нивното демократско право на глас.
Истите тие кои со своите погрешни политики придонесоа илјадници граѓани да ја напуштат Македонија, денес сакаат токму тие луѓе да останат без полесен пристап до избирачкото право. Тоа е вистинското лице на СДС.“
Во соопштението се упатуваат обвинувања и кон Левица.
„Апасиев и Левица уште еднаш покажаа дека нивниот единствен интерес не се граѓаните, туку парите. Иако сите нивни барања во преговорите беа прифатени, а се однесуваа на поголемо финансирање на политичките партии и изборните кампањи, денес тие го блокираат истиот закон што го договараа.
Очигледно е дека кога се во прашање личните и партиските интереси, СДС и Левица функционираат како едно. Заеднички поднесуваат илјадници амандмани, ја кочат реформата и создаваат политички хаос, само затоа што знаат дека ги очекува убедлив пораз на следните избори.“
Повик да се повлечат амандманите
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да се откажат од реформите и ги повикуваат СДС и Левица да ги повлечат амандманите.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од реформите. Ги повикуваме СДС и Левица да престанат со опструкциите, да ги повлечат бесмислените амандмани и да овозможат носење на Изборниот законик кој ќе обезбеди фер, модерни и поефикасни избори, вклучително и електронско гласање за македонската дијаспора.
Граѓаните заслужуваат функционален изборен систем, а не политички блокади создадени од партии кои стравуваат од волјата на народот“, се наведува во соопштението.
