На вчерашната седница во Собранието, во рамките на интерпелацијата на петмина членови на Судскиот совет, со мнозинство гласови беше изгласана недоверба на поранешната претседателка Весна Дамева, како и на Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Обвинувањата за нивното разрешување вклучуваат загрозување на независноста и угледот на Судскиот совет, но вниманието на јавноста го привлече неочекуван детаљ – впечатливата Гучи чанта на Весна Дамева, која фрли сенка врз нејзиниот настап.

Весна Дамева, која на седницата одржа говор опишан како „комедичен“ од присутните, тврдејќи дека таа и нејзиното семејство биле мета на јавноста, се појави во навидум скромна облека. Сепак, нејзината Гучи чанта брзо го привлече вниманието. Според податоците од интернет, станува збор за луксузен модел чија цена се движи меѓу 4.700 и 5.000 американски долари, односно околу 305.000 денари. Ова веднаш покрена прашања – дали платата на Весна Дамева од 140.000 денари месечно може да покрие ваква набавка?

Чанта од 305.000 денари и платата на Дамева

Со едноставна пресметка, платата на Весна Дамева од 140.000 денари би била доволна за Гучи чантата дури по две цели месечни примања и дополнителни 25.000 денари, под услов да не троши ниту денар на друго. Разликата меѓу нејзините примања и цената на чантата – над 165.000 денари – остава простор за сомнеж: дали ова е купено со нејзините официјални приходи? Можеби Весна Дамева ќе го повтори често слушнатиот одговор дека чантата е „поклон од ќерката или роднина“, но дури и тогаш останува прашањето – од каде потекнуваат средствата за ваков скап подарок?

Судската правда и луксузот

Додека ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата во Собранието, нагласувајќи дека разрешувањето на Весна Дамева, Црвенковска и Адеми е чекор кон враќање на довербата во Судскиот совет, јавноста се прашува дали луксузните парчиња како Гучи чантата се само врвот на ледениот брег.

„Додека СДС и ДУИ го штитеа криминалот, судството тонеше во недоверба. Ова е само почеток на чистката“, изјавија од владејачката партија. Но, за граѓаните, контрастот меѓу скромната плата од 140.000 денари и чантата од 305.000 денари останува загатка – дали некогаш ќе ја дознаеме вистината за ова „скромно“ парче луксуз?