На денешното судење против обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов, обвинителството презентирало контакти пронајдени во неговиот телефон. Меѓу нив биле имиња на лица од политичкиот и бизнис-секторот, но пред судот не била изнесена конкретна комуникација меѓу Ристов и наведените лица.

Обвинителката Искра Хаџи-Василева прочитала повеќе контакти од телефонскиот именик на обвинетиот. Таа оценила дека нивното постоење може да се разгледува од аспект на етичките и законските стандарди, имајќи го предвид контекстот на предметот, кој се однесува на наводни коруптивни практики.

Меѓу споменатите контакти биле Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев, како и пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски. Според обвинителството, Јахоски во именикот на Ристов бил запишан како „бабе Исмаил“.

На списокот бил и Асмир Јахоски, син на Исмаил Јахоски и сопственик на „Пуцко Петрол“, како и бизнисменот Зоран Азманов.

Обвинителството навело дека меѓу контактите се наоѓале и Фехми Стафа, кој во јавноста се поврзува со случајот со осомничениот Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, како и Исмет Гури, поранешен директор на УЈП и функционер на ДУИ, кој бил опфатен во предметот „Титаник 3“.

Во именикот била заведена и поранешната пратеничка Фросина Ременски. Во телефонот бил зачуван и број кој, според обвинителството, му припаѓал на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Контактите на обвинетиот со лица од политичкиот и бизнис-секторот биле презентирани пред судот како дел од доказниот материјал на обвинителството.