Астронаутите на Меѓународната вселенска станица добиле наредба од НАСА да се засолнат во своето вселенско летало и да се подготват за можна итна евакуација, додека рускиот екипаж работи на поправка на влошено истекување воздух во рускиот дел од орбиталната лабораторија, објави „Макфакс“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Според информациите, четворицата астронаути од мисијата Crew-12 — двајца Американци, еден Французин и еден руски космонаут — добиле наредба од контролата на мисијата на НАСА да се качат во вселенското летало Crew Dragon, приклучено на станицата, и да облечат вселенски одела во случај истекувањето да наложи евакуација.

Портпаролката на НАСА, Бетани Стивенс, соопшти дека транзитниот тунел на сервисниот модул „Ѕвезда“, познат како PrK, веќе подолго време има пукнатини и протекувања, што Роскосмос досега ги ублажувал со оперативни мерки и делумни поправки. Таа нагласи дека НАСА внимателно ја следи состојбата и дека двете вселенски агенции работат на утврдување на основната причина за проблемот.

 

По новите протекувања, Роскосмос одлучил да спроведе пообемна операција за поправка. Од претпазливост, НАСА им наредила на членовите на мисијата Crew-12, како и на астронаутот Крис Вилијамс, да одржуваат зголемено ниво на безбедност во леталото Dragon додека траат поправките.