Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е повеќе од арената. Дел од објектите се базенот, аква-паркот, тениските терени, картинг-патеката и лизгалиштето, со сервисни улички и соодветен паркинг. Гордоста на Скопје! Гордоста на Македонија! Што планира Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев да му направи на Спортскиот центар, прашува тој.
– Прво, проектира нов булевар, кој треба да поминува директно низ картинг-центарот и тениските терени, како и терасата на базенот во склоп на СЦБТ. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10.000 метри квадратни корисна површина. Тениските терени, на пола пресечени со улицата, ќе бидат целосно бескорисни. Овој булевар со стариот ДУП беше уцртан надвор од границите на Спортскиот центар. Заради градежни интереси, а тоа е зголемување на маркицата за градење на соседната парцела, Петре Шилегов вцртува пат директно низ спортскиот центар и директно ги уништува картинг стазата, четирите тениски терени, како и летната тераса на базенот, сите државни објекти сопственост на спортскиот центар со имотен лист. Децата и младите од спортските клубови и од базенот ќе излегуваат директно на прометен булевар. Второ, Регулацискиот план кој е претставен позади мене прави целосна пренамена на она што ќе остане од тениските терени и картинг-центарот. Иако истите се легални и во сопственост на Република Македонија, тие на сликата обоени со жолто добиваат намена за домување. Повторувам намена за домување. Ве молиме видете ја жолтата боја од мапата на усвоениот план. Таа значи домување. Дали ова значи дека некој ќе си ја зголеми сопствената парцела со државен имот од највисоко значење – спортско значење? На тој простор ќе се градат огромни згради. Бетонска џунгла наместо спорт. И трето, усвоениот План на Петре Шилегов ја менува и намената на големата спортска арена и базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Тие според овој план стануваат објекти од деловна намена, повторувам со деловна намена. Нема повеќе спорт во „Борис Трајковски“, ќе има бизнис и негово свесно уништување. Тоа го докажува портокаловата боја од мапата на регулацискиот план. Арената и базенот на СЦБТ се сега со друга намена, а не со намена спорт, појасни Андоновски.
Тој потенцира дека негативниот ефект се неколку милиони евра од инвестицијата во тениските терени изградени од Агенцијата за млади и спорт, летната тераса на базенот позната на сите скопјани и огромниот паркинг кои се уништени заради бизнис градежни интереси.
– 55 милиони денари вложи владата на ВМРО-ДПМНЕ во изградба на тениски терени за иднината на македонскиот тенис. 3,5 милиони денари плати Спортскиот центар во комуналии за терените да се легални и да останат за следните генерации. Центарот има многу закупци и спортски клубови кои плаќаат кирија за своето спортско работење, а со тоа целиот Спортски центар остварува приходи во работењето. Таму се вработени и тренери, спортисти и помошен персонал. Сега сето тоа е под знак прашалник да биде уништено. Ефектот е осакатен и преполовен Спортски центар Борис Трајковски. Зошто? Затоа што бизнис партнерите на фамилијата на власт имаат за цел да изградат огромни згради во непосредна близина на спортскиот центар, а деловите од центарот им се потребни за задоволување на нивните лични бизнис интереси, додаде пратеникот.
Тој вели дека со овој план се узурпира и иднината на преку 500 дечиња кои се дел од спортските клубови во базенот и тениските терени кои се дел од Спортскиот центар и истакна дека за илјадници семејства овој простор значи најубави сеќавања за Скопје. СЦБТ е омиленото свртувалиште на карпошани и на скопјани.
– Драги сограѓани, мои скопјани, затоа повикуваме на масовност. На 20-ти август (петок) во 13:00 часот, во што поголем број да се појавиме во општина Карпош и да го спречиме овој злостор со донесувањето на овој план, со кој се уништува најспортскиот дел од Скопје.
Овој ДУП не смее да помине, но и да повикаме на одговорност. Да запаметиме против кого и што ќе гласаме на овие локални избори. Против чии лични интереси кои го уништуваат спортот во Македонија. Петре Шилегов и Стефан Богоев се одговорни за оваа состојба. За ова ќе има одговорност. Шилегов и Богоев ќе одговараат, дециден е Андоновски.