Студентското движење денеска организира голем протестен митинг во Белград под слоганот „Студентите победуваат“, со барање за распишување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.

Собирот почна во 13 часот на четири различни локации во Белград, додека централниот протест на плоштадот „Славија“ е најавен од 18 до 20 часот, објавија студентите на Инстаграм.

На снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат колони граѓани кои пристигнуваат во центарот на Белград пред почетокот на протестот.

Во исто време, поддржувачите на владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ се подготвуваат за митингот „Србија победува“ во таканаречениот „Ќациленд“ во Пионерскиот парк, во близина на претседателската канцеларија.

Во пресрет на протестот, кабинетот на Вучиќ соопшти дека српскиот претседател од 24 до 28 мај ќе престојува во официјална посета на Кина.