Не градоначалникот на Центар туку поранешниот премиер Зоран Заев стои зад блокадата за градилиштето кај поранешната стоковна куќа “Беко”, во центарот на Скопје, вели за “А1он” бизнисменот и поранешен министер за финансии Борислав Стојменов, инвеститор на објектот кој Општина Центар го води како дивоградба.

Причините поради кои се направил случај од градењето кај “Беко” тој вели дека се политички. се сомнева дека целиот притисок за поништување на одобрението за доградба и надградба од 2016 година по кое гради бил за да се откаже од градење и да го продаде хотелот трипати поевтино од пазарната цена, велат од “А1он”.

Стојменов вели дека наспроти тврдењата на Општина Центар, тој почнал да гради истата 2016 година, кога му го издале одобрението и немал ниаккви проблеми се до моментот кога решиле да го урнат стариот објект на ТЦЦ “Плаза” и на негово место да изградат сосема нов, пишува порталот “А1он”.

Се одлучиле за уривање оти потпокривот што го направиле со метална конструкција по препорака на статичарите почнал да пропушта вода и да тече на сите страни. Ја комплетирале документација за уривањето, што ги чинело околу 70 илјади евра и добиле решение за уривање од Општината.

-Кога почнавме да го уриваме објектот почнаа нивните интервенции, сè почести и почести. Причината е политичка. Не е од градоначалникот, туку од господинот Заев. Почнавме да рушиме, поминал некој камион и Заев се јави во февруари, зимно време. Ми напиша порака ‘Борис, луѓето се бунат, населението, имало движење таму, сте го загадувале воздухот, сега сите ние се буниме против тоа’ и вели ‘престани со какви било активности. Ќе си извадиш дозвола и некаде на почетокот на летото ќе почнеш да градиш’. Имам таква, кај мене е, имам. Заев ми прати порака. Одев кај него, кај Заев, ме примаше. Не случајно го кажувам Заев, отидов кај него веднаш, не смееше да не ме прими. – Премиере, дали пред да почнам да градам и кога дојде на власт ме викна? Вели, те викнав. Што ми кажа? – Борис терај напред, многу ми се допаѓа објектот, терај. Што ти кажав јас? Премиере, благодарам, ама јас сакам да градам и не сакам утре да имам проблеми, испитај. Јас сум зад тебе, вели. Велам извини, зборови како зад тебе сум не сакам. Ќе си ги консултираш твоите експерти, кои ги имаш, имаш и министер за транспорт и врски, да не има некои пречки па јас да имам потоа проблеми. А втора работа, од каде тоа јас го загадувам воздухот? Ти го забрануваш градежништвото? Тогаш, велам, само автобусите беа ретки, друго ништо поради загадувањето. Така почнаа, вели бизнисменот Стојменов, за “А1он”.

Тој се сомнева дека блокадата на градилиштето е реваншизам за објави на „Канал 5“, телевизија во сопственост на неговото семејство.

-Заев, човекот си кажа, дојде кај мене, во новиот хотел горе. Кога Заев ги читаше прислушуваните разговори, ‘Канал 5’ ги емитуваше ли? Колку пати на ‘Канал 5’ Заев кажа дека кога ќе дојде на власт живи луѓе ќе јаде. Ништо, беа контра Заев. Заев се навреди, дојде кај мене. Фала ти, ја почитувам фамилијата ама да му простам на Емил, никогаш. Ова почнува од Заев. Ви кажав, граѓаните се бунат за зимно време. Има ли луѓе во животот, карактерно, кои ќе се налутат па ќе простат? Нели? А има ли луѓе во животот кои тешко на тебе ако ги навредиш. Ќе ти врати десет пати. Има такви? Па тој ми кажа дека се почувствувал навреден. Од телевизијата, не од мене. Јас не сум го навредил Заев ама од телевизијата… телевизијата го мава, мава и тој доаѓа на власт, и што ќе ти прави?, вели Стојменов, пишува “А1он”.

Пред да почне со уривање на хотелот во 2018 година, Стојменов вели дека имал понуди да го продаде за 10 милиони евра, а притисокот што му се вршел бил за да се намали таа вредност.

-Притисокот беше тоа, да го продадам евтино и да го земат за три милиона, три и пол милиона, вели Стојменов.

Откако вчера Обвинителството поднесе обвинение за бесправно градење против него, Стојменов вели дека јавно ќе ги покаже документите што ги има кои според него ќе отворат афера слична на „Рекет“.

-Решение на проблемот ќе се изедначи со аферата ‘Рекет’. Плус димензија на овие ВМРО што ги судат. Заев ќе мора да дојде тука. Српче сигурно ќе си дојде. Ќе мора министерот за транспорт и врски. Веќе з има кривични дела, вели Стојменов.

Поранешниот премиер Зоран Заев ги демантира обвинувањата од Стојменов.

-Ваквите обвинувања се далеку од здравиот памет. Целосно ги демантирам лагите на Стојменов доколку така се кажани, и ако се повторат такви лаги ќе покренам тужба, изјави Заев, пишуваат од “А1он”