Фудбалерите на Босна и Херцеговина се елиминирани во шеснаесетфиналето на Светското првенство, откако во дуелот со домаќинот САД загубија со 2:0.

Донекаде симболично, „змејовите“ го завршија својот мундијалски пат во близина на Сан Франциско, градот на познатиот мост Голден гејт, мотив што ги следеше навивачите на БиХ во текот на целиот турнир преку песната на „Дубиоза колектив“.

Во атмосфера исполнета со еуфорија и големи очекувања, домаќинот на турнирот стигна до важна победа во нокаут-фазата и обезбеди пласман меѓу најдобрите 16 репрезентации на Мундијалот.

Босна и Херцеговина подобро го отвори натпреварот и веќе во 10. минута се закани преку Ермедин Демировиќ, но голманот Мет Фрис успеа да го одбрани силниот удар од работ на шеснаесетникот.

Американците постепено ја презедоа контролата врз играта. Во 30. минута Фоларин Балогун ја затресе мрежата, но погодокот беше поништен поради офсајд. Сепак, пред крајот на првото полувреме истиот играч донесе водство за САД.

По одличен пресинг и загубена топка на БиХ, Балогун ја искористи одбиената топка и со прецизен удар погоди за 1:0.

Почетокот на второто полувреме го одбележа повредата на капитенот на Босна и Херцеговина, Един Џеко, кој мораше да го напушти теренот. Селекторот Сергеј Барбарез веднаш реагираше со тројна измена.

Клучен момент се случи во 64. минута, кога по интервенција од ВАР-собата беше исклучен Балогун поради опасен старт над Тарик Мухаремовиќ. САД останаа со играч помалку, а БиХ доби голема шанса да се врати во натпреварот.

Но, тимот на Маурисио Покетино покажа голема борбеност, дисциплина и зрелост. Кристијан Пулишиќ во 79. минута ја затресе мрежата, но и тој гол беше поништен поради офсајд.

Само неколку минути подоцна дилемите беа решени. Малик Тилман фантастично погоди од слободен удар од околу 20 метри и зголеми на 2:0.

Босна и Херцеговина до крајот не успеа да ја искористи бројчаната предност. Ермин Махмиќ имаше добра можност во финишот, но неговиот удар заврши за малку покрај стативата.

САД така, иако со играч помалку во голем дел од второто полувреме, ја сочуваа предноста и се пласираа во осминафиналето, каде што во Сиетл ги очекува дуел со Белгија.

За Босна и Херцеговина ова е крај на дебитантскиот настап во нокаут-фазата на Светското првенство, но играчите се враќаат во својата земја како херои.