Овогодинешната македонска претставничка на Јуниорскиот Евросонг, Ана Стојаноска, престојува во Малта каде интензивно се подготвува за својот настап на 24-тото фестивалско издание. Во рамките на официјалната програма, малтешкиот јавен сервис ПБС организираше посети на повеќе образовни институции за младите учесници.
Македонската делегација го посети државното католичко училиште за девојчиња „Св. Јосиф“. Таму Ана Стојаноска беше пречекана со голема еуфорија и аплаузи од ученичките, кои приредија изненадување пеејќи го рефренот на нејзината евровизиска песна „Идната јас“.
„Ова за мене е најубавиот ден во Малта. Многу сум среќна што сум тука и што имав прилика да ги запознаам ученичките и секако, тоа што ја пеевме „Идната јас“ во еден глас. Девојчињата од Малта пееја на македонски јазик и тоа е нешто што никогаш нема да го заборавам“, изјави малата Ана.
Директорот на училиштето, д-р Кенет Вела, истакна дека пораката што ја испраќа песната целосно се поклопува со образовната мисија и визија на установата, најавувајќи дека наставниот кадар во следниот период ќе работи на нејзино дополнително доближување до ученичките.
Тимот на 21 октомври 2026 година ќе ја одржи својата втора техничка проба на сцената. Клучниот момент претстои во петок, на 23 октомври, кога ќе се одржи пробата за гласањето на стручните жирија низ Европа и ќе се отвори онлајн гласањето на официјалната евровизиска платформа.
Големото финале на детскиот Евросонг, инспирирано од традиционалната малтешка „феста“, ќе се емитува во живо на 24 октомври од 21 часот на програмата на Македонската Радио Телевизија.
