Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери за десетина дена го смени цврстиот став кој го имаше при едно телевизиско гостување. Иако должен да ја чува и штити процедурата, тој ја прекрши.

Имено, Собранието расправа за Предлог одлуката за разрешување на членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели од БЕСА. а која е поднесена од пратениците Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска и Жаклина Лазаревска.

Согласно процедурата предлогот треба најпрво да помине на седница на Комисијата, а потоа да се достави и на пленарна седница пред пратениците. Токму во одбрана на оваа процедура застана и Џафери при гостувањето во ТВ 24 на 17-ти февруари, но очигледно само таму го имаше тој став.

Веќе вчера, Џафери иако негираше дека ќе ја прекрши процедурата на работа, тоа го направи.

-На пленарка треба да дојде од Комисијата. Некој замислува, измислува сила, на сила на пленарна седница. Како на пленарна седница ќе оди материјал кој не дошол од соодветна комисија. кој мисли дека може да спроведе полуделовнички, нека дојде и нека го спроведе. Или ќе се спроведе деловнички или нема да се спроведе. Како ќе потпишам решение за седница, точка на дневен ред која не е извор од соодветната комисија. Тоа значи, спротивно на Деловник, точка која не е разгледана на матично работно тело не може да се разгледа на пленарна седница. Има пропишана процедура, јас сум должен да ја чува процедурата. Јас потпишувам на крајот и викам процедурата била соодветна, изјави во телевизиското гостување Џафери.

Собранискиот спикер спротивно на собраниската процедура, предлогот за разрешување на пратеникот го стави на дневен ред на пленарна седница, иако истиот не ја помина матичната комисија.

ВМРО-ДПМНЕ поради ваквиот однос на Џафери поднесе над 400 амандмани, а Беса уште десетина против разрешувањето на Зендели.

Координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Никола Мицевски на денешната собраниска седница истакна дека немаат одговор каде завршиле нивните поднесени амандмани.

-Ние во текот на вчерашниот ден за потсетување на граѓаните очекував дека претседателот да ја отвори седницата, но очигледно има некои обврски па потпретседателот тука е, и сега ќе биде да речам некоректно прашањето да го поставам на потпретседателот затоа што во текот на вчерашниот ден ние поднесовме 400 амандмани на оваа точка и затоа што ја разгледуваме по второ читање и согласно Деловникот тоа почнување односно произнесување на точката имаме можност да поднесеме амандмани. Амандманите ги поднесовме во архива согласно Деловник, а од тука натаму тековно и каде завршија амандманите немаме одговор, нагласи Мицевски.

Со коментар за кршењето на процедурата се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој истакна дека Џафери се однесува како да Законодавниот дом му е гостилница од Форино.

-Негова самопрогласена автократска автономија. Па кога сака да си крши процедури, закажува седници, узурпира процедури, именува и разрешува членови на комисии. Можеби негова е гостилницата, ама на народот е Собранието, нагласи Мицкоски.