Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изнесе серија обвинувања на сметка на опозициската СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче, тврдејќи дека партиските соопштенија ги подготвуваат надворешни соработници. Според него, јавните настапи и соопштенијата на опозицијата се координирани од српски ПР-советници.

Манасиевски директно го посочи Зоран Башановиќ, истакнувајќи дека тој и неговиот соработник Милјан Шчекиќ стојат зад содржините со кои СДСМ настапува во јавноста и упатува критики кон власта и државата.

Документ презентиран на прес-конференција

Како аргумент за своите тврдења, Манасиевски презентираше фотографија од партиски материјал, посочувајќи дека авторите не го владеат добро македонскиот литературен јазик, поради што во партиските дописи редовно се појавуваат правописни грешки.

„Она што го слушате од Филипче кога ја навредува Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, впрочем е насока од српскиот или бугарскиот свет за кого Венко одработува. СДС со Филипче и Заев поради многу контроверзии со кои се соочуваат, мораат да се продадат на некој друг, бидејќи тука во Македонија не ги сакаат. Едниот криминалец со тапија, а другиот без. Наместо да се заангажираат за Македонија, тие работат за уништување и потчинување на државата, работејќи за странски служби“, изјави Манасиевски.

Манасиевски нагласи дека опозицијата веќе подолг период функционира според надворешни насоки, оценувајќи дека ваквиот пристап директно му штети на македонскиот национален и државен интерес.