Намерното запирање на европскиот пат на Македонија претставува форма на државен удар , оцени претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.
Тој оцени дека последните извештаи на Европската комисија се сериозно предупредување за состојбите во државата, посочувајќи дека во нив се нотирани проблеми со владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, притисоците врз медиумите и, како што рече, зголеменото влијание на „српскиот свет“ и Русија во регионот.
Според Филипче, Владата јавно се залага за европска интеграција, но во пракса не ги презема неопходните чекори за продолжување на преговорите. Тој нагласи дека веќе се покажало дека Преспанскиот договор не ги загрозил македонскиот идентитет и јазик, туку, како што рече, тие биле потврдени, а членството во НАТО донело значајни придобивки за државата.
Филипче предупреди дека Македонија е единствената земја кандидат која сè уште нема отворено ниту едно преговарачко поглавје, додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина веќе бележат напредок во процесот на пристапување.
