Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информира дека и покрај дождот којшто завчера и вечер заварна на поголем дел од територијата на државата, бројот на пожари на отворен простор не се намалува и во текот на вчерашниот ден имавме најмалку 31 пожар на отворен простор.
Анеглов, во видео изјава, посочува дека карактеристично е тоа што во текот на вчерашниот ден повторно биле намерно подметнати и запалени два пожари на Китка и на планината Жеден и апелира доколку некој забележи сомнително однесување да пријави на бројот 112.
Два од пожарите се големи и коишто зафаќаат поголема површина и се комплексни пожари за гасење.
Првиот голем пожар се наоѓа на територијата на Град Скопје, Општина Ѓорче Петров, во атарот на село Грачани и Никиштане. Овој пожар пред три дена од косовска страна навлезе на македонска страна.
-Врз него овие денови дејствуваме и од воздух и од земја, но за жал сѐ уште е активен. Синоќа почна да дува ветер од насока од пожарот кон Град Скопје и чадот можеа да го почувствуваат скопјани од повеќето скопски општини. Чадот предизвика вознемиреност помеѓу поголем дел од населението на Град Скопје – информира Ангелов.
Врз овој пожар, како што информира Ангелов, од рано утрово се дејство продолжија скопските пожарникари засилени со неколку огнени тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со пинцгауери.
-Тие работат по огнената линија, по самата линија на огнот, обидувајќи се истата да ја намалат. Од воздух поддршка дава еден армиски хеликоптер, еден полициски хеликоптер, како и два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Во овој момент слободно можам да кажам дека двете села Грачани и Никиштане не се загрозени од пожарот, иако кај населението постои одредена загриженост. Очекувам до доцна во вечерва овој пожар да биде ставен под делумна контрола – изјави Ангелов.
Вториот голем пожар се наоѓа на територијата на Општина Струга којшто граничи со Општина Дебар. На овој пожар работат струшките пожарникари, линијата на огнот е многу голема, пожарот се одвива на тешко пристапен терен, мешовита шума, некаде нискостеблести растенија, грмушки, трње, трева, но исто така е многу тежок за гаснење.
-Во попладневните часови врз него ќе дејствуваме со ер-тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување – појасни Ангелов.
Анеглов, нагласи дека карактеристично е тоа што во текот на вчерашниот ден повторно беа намерно подметнати и запалени два пожари на Китка, еден на територијата на Општина Студеничани, еден на територијата на Општина Зелениково.
-Благодарение на храбрата и пожртвувана работа на скопските пожарникари, овие пожари се изгаснати, но да укажам дека ваквото палење на разни пожари на територијата на Град Скопје ги расфрла нашите сили. Затоа апелирам до граѓаните да бидат исклучително внимателни, со своето однесување да не предизвикаат пожар, но исто така да бидат внимателни и доколку забележат сомнително однесување, истото да го пријават на бројот 112 или во најблиската полициска станица или на било кој полицаец или пожарникар – изјави Ангелов.
Ангелов, исто така, информираше и за уште еден активен пожар, кој е повторно запален во близина на селото Копаница, во подножјето на планината Жеден.
-Минатите денови мака мачевме гаснејќи го големиот пожар којшто се одвиваше на оваа планина, но некој упорно и упорно повторно подметнува нови пожари од сите страни на планината Жеден, и од скопска и од тетовска страна – изјави Ангелов.
Опасноста од пожари и понатаму е висока и Анеглов апелира на поголема внимателност, нагласувајќи дека „доволна е само искра за вистинска катастрофа“.
