Индија го нападна Пакистан

Тензиите меѓу Индија и Пакистан кулминираа откако индиската армија синоќа изврши воздушни напади врз девет цели во Пакистан и пакистански Кашмир, во операција наречена „Синдор“. Нападот доаѓа по смртоносен атентат врз индиски туристи во Кашмир, за кој Њу Делхи директно го обвини Исламабад – нешто што пакистанските власти жестоко го негираат.

Индија: Цели беа терористички бази

Според индиската влада, нападот бил насочен исклучиво кон „терористичка инфраструктура“ која, наводно, била одговорна за планирање напади на индиска територија. Во официјалното соопштение се вели дека операцијата била „насочена, одмерена и неескалирачка“. Целта била избирање цели надвор од опсегот на пакистанските воени објекти.

„Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и начинот на кој беа извршени нападите“, наведува индиската влада.

Пакистан: Загинати цивили, нападнати џамии

Пакистан го осуди нападот, тврдејќи дека се погодени и цивилни објекти, вклучувајќи две џамии, при што загинале три лица, а 12 се ранети. Портпаролот на пакистанската војска изјави за „Џио њуз“ дека биле погодени најмалку пет локации и додаде дека „одговорот е во тек“, без дополнителни детали.

Жителите на Музафарабад, главниот град на пакистанскиот Кашмир, пријавиле прекин на електрична енергија и експлозии, додека од индискиот дел на Кашмир се јавува за гласни експлозии, воздушни напади и артилериски оган.

Повеќе може да погледнете од видеото во продолжение:

Страв од нуклеарна ескалација

Двете земји се нуклеарно вооружени, иако нивните доктрини се разликуваат. Индија следи политика „прва да не употреби“ нуклеарно оружје, додека Пакистан не ја исклучува таа можност дури и во конвенционален конфликт. Се проценува дека Индија има околу 172, а Пакистан помеѓу 170 и 200 нуклеарни боеви глави.

И покрај длабоката недоверба, двете држави секоја година разменуваат листи на нуклеарни постројки за да избегнат инциденти.

Апели за воздржаност

Во услови на веќе постоечки глобални конфликти, меѓународната заедница изразува загриженост од можна ескалација. САД, Кина и земјите од Заливот повикаа на воздржаност. Тие предупредија дека секое ново провоцирање може да отвори уште едно сериозно кризно жариште во светот.