Сериозен инцидент се случи за време на движењето на премиерската колона на албанскиот премиер Еди Рама, откако незадоволни граѓани го нападнаа возилото во кое се превезувал. Полициските службеници веднаш интервенираа на теренот и лишија од слобода 12 лица по нападот врз официјалната делегација.
Настанот се случил во утринските часови во областа Манза, додека премиерот патувал кон Заливот Лалзи каде што беше закажано одржувањето на Националното собрание на Социјалистичката партија.
Група граѓани била однапред поставена покрај сообраќајната рута по која минувала премиерската придружба. Во моментот кога се приближило возилото на чело на колоната, тие фрлиле јајца кон него за да го искажат револтот од актуелната власт.
Собраните демонстранти извикуваа и гласни пароли против политичките лидери, барајќи одговорност за состојбите во земјата.
„Рама во затвор, Бериша во затвор, ви дојде крајот!“, извикуваа демонстрантите на собирот.
По ескалацијата на собирот интервенираа полициските сили, кои приведоа 12 учесници и ги спроведоа во полициска станица. Институциите сè уште не соопштуваат детали за нивниот идентитет, како ни за точните прекршочни или кривични пријави што ќе бидат поднесени.
Напнатата атмосфера продолжи и за време на подоцнежниот протестен собир во центарот на Тирана, каде што двајца демонстранти се обидоа насилно да влезат во зградата на законодавниот дом со помош на метална шипка наспроти владиното седиште.
Службените извештаи посочуваат дека лицата удирале по влезната врата на парламентот и фрлале камења кон самиот објект, по што полицијата постави заштитен кордон и задржа неколку учесници.
За време на протестниот марш беа блокирани и клучни сообраќајници со изнесување на контејнери за отпад, при што кај кружниот тек „Зогу и Зи“ беше запален еден контејнер што предизвика сообраќаен хаос.
Поворката на демонстрантите се движеше долж обиколницата на Тирана под силно полициско обезбедување, а собирот кулминираше пред седиштето на Владата.
