Документарецот на режисерката Рејчел Флејт е достапен на платформата HBO Max, а во него се раскажува и приказната за пријателството на Фарел со Ема Фогарти, 42-годишна ирска активистка која боледува од епидермолиза булоза (ЕБ), ретка и тешка болест на кожата. Во 2024 година, актерот ѝ помогна да го заврши маратонот во Даблин.
50-годишниот Фарел, кој вообичаено ретко зборува за својот приватен живот, откри дека пресвртот во неговиот живот дошол по завршувањето на снимањето на „Miami Vice“.
„Штом завршивме со снимањето, се качив во авион. Три дена подоцна се разбудив во центар за рехабилитација“, рекол актерот.
Фарел се сретнал со алкохол во неговите тинејџерски години. Како што рекол, алкохолот му ја дал самодовербата што му недостасувала во тоа време.
„Кога почнав да пијам на 13 или 14 години, почувствував дека конечно излегувам од мојата школка и можам да се поврзам со луѓето. Станав погласен. Не знам дали бев посмешен, но мислев дека бев. Одевме во локалниот паб во Кастлекнок. Моите другари и јас пиевме четири или пет пива во вторник“, се сеќава тој.
По враќањето дома, тој продолжувал да пие виски и да пуши хашиш.
„Денес можам да се запрашам дали беше забавно или да заклучам дека не беше. Но, тоа беше мојот начин на изразување. Тоа беше неопходност“, рече тој.
Со текот на времето, неговата зависност повеќе не била само поврзана со алкохолот.
„Она што следеше беа години на дрогирање со сè што можете да замислите. Мислам дека причината е многу едноставна – бев чувствително дете. Сè доживував многу интензивно, и не знаев како да се справам со тие чувства“, објаснил тој.
Актерот призна дека е благодарен што е жив денес. На прашањето на режисерката дали некогаш мислел дека ќе умре, тој кратко одговорил потврдно.
„Да“, вели Фарел.
Најголемата мотивација за промената Фарел ја пронашол во својот најстар син Џејмс, кој го има со поранешната партнерка Ким Борденаве. Џејмс е роден во 2003 година со Ангелман синдром, ретко генетско нарушување кое влијае на нервниот систем.
„Се отрезнив кога Џејмс имаше две и пол години. Тој стана мојата виша сила. Знаев дека имам двегодишен син на кој му требам“, низ солзи раскажува Фарел.
Тој признал дека на почетокот мислел дека пред сè треба да му биде пријател на синот, но во текот на процесот на одвикнување сфатил колку згрешил.
„Тоа е како на шестмесечно бебе да му треба пријател. Не. За време на одвикнувањето, многу брзо сфатив дека на Џејмс не му треба пријател, туку татко. Му требаше татко, можеби повеќе од другите деца, бидејќи уште тогаш знаев дека никогаш нема да може да се грижи за себе“, рекол актерот, кој потоа заплакал и го покрил лицето со рацете.
Фарел откри дека токму Џејмс бил неговата најголема поддршка во текот на неговата рехабилитација.
„Себично гледав на него како на свој старател. Мал чувар кој никогаш не ја побарал таа улога. Имав негови фотографии и размислував за него цело време додека бев на рехабилитација. Всушност, моите синови ме воспитаа“, рекол тој.
Покрај Џејмс, Фарел го има и 17-годишниот син Хенри со полската актерка Алича Бахледа-Куруш.
„Џејмс и Хенри ме воспитаа на неверојатни начини без тоа да го побараат“, заклучи Фарел.
