Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, обраќајќи се пред воени лидери во Квантико, изјави дека минатиот месец наредил стратешко преместување на нуклеарни подморници во близина на Русија. Потегот, според него, бил одговор на, како што ги нарече, „агресивни изјави“ на поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.

„Тоа е навистина глупав човек… го спомена зборот нуклеарен. Јас го нарекувам зборот Н. Постојат два збора Н и ниту еден од нив не може да се користи“, рече Трамп, додавајќи дека преместил „една или две подморници“ во близина на брегот на Русија.

„Тие само се кријат таму, но сигурен сум дека нема да мора да ги користиме“, изјави тој, нагласувајќи дека подморниците се „недостижни“.

Во август, Трамп преку Truth Social објави дека изјавите на Медведев се „глупави и провокативни“ и предупреди дека зборовите можат да имаат несакани последици.

„За секој случај, овие глупави и провокативни изјави се повеќе од тоа. Зборовите се многу важни и честопати можат да доведат до несакани последици, се надевам дека ова не е еден од тие случаи. Ви благодарам за вниманието на ова прашање!“, напиша Трамп.

Тој подоцна пред новинарите објасни дека станува збор за подготвеност:

„Тој зборуваше за нуклеарна енергија. Кога зборувате за нуклеарна енергија, ние мора да бидеме подготвени и ние сме целосно подготвени“, рече Трамп.

Иако Пентагон никогаш не објавува детали за нуклеарните капацитети и невозможно е да се потврди неговата изјава, коментарите предизвикаа споредби со реториката за време на Студената војна.

Во интервју за „Њузмакс“, Трамп повтори дека подморниците биле преместени „поблиску до Русија“.

„Секогаш сакаме да бидеме подготвени и затоа испратив две нуклеарни подморници во регионот. Само сакам да бидам сигурен дека неговите зборови се само зборови и ништо повеќе“, рече тој.