Платите во Армијата и во одбраната се зголемуваат за 10 проценти, што претставува историски најголемо покачување во апсолутна вредност. Оваа одлука ја соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски на заедничка прес-конференција со претставниците на синдикатите.
Настанот беше организиран по усвојувањето на новиот буџет за претстојната година, со кој се предвидени значителни финансиски средства за подобрување на стандардот на припадниците на одбранбениот сектор.
„Сакам да информирам за една преубава вест, еден историски чекор. На последната владина седница помина буџетот за 2027 година. Тоа значи дека моментално влегува во Собрание и она што сакам да го пренесам на сите, правиме историски чекор“, рече Мисајловски.
Платите на сите вработени во вооружените сили и во ресорот одбрана ќе бидат повисоки за една десетина, појасни ресорниот министер пред медиумите.
„Платите во Армијата и одбраната се зголемуваат за 10 проценти. Тоа значи историско најголемо зголемување во апсолутна вредност. Тоа значи се зголемува основната плата, но и сите компоненти што се опфатени во платата“, изјави Мисајловски.
Тој нагласи дека ваквиот крупен исчекор во материјалните права е резултат на континуиран и конструктивен социјален дијалог меѓу институциите и синдикалните организации.
„Ветив многу пати дека ќе работам заедно со синдикатите, заедно со Армијата, оваа институција да биде најдобрата во државата, а со овој чекор по примањата навистина стануваме една од најдобрите институции во државата. Честитки до сите вработени, бидејќи тоа го заслужуваат, го заслужува Армијата, ние сме НАТО Армија и преку социјален дијалог ова го остваривме“, потенцираше Мисајловски.
Мисајловски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за обезбедената поддршка, потенцирајќи дека со проектираниот буџет целосно се задоволуваат потребите и се обезбедува севкупен пораст на одбранбениот буџет.
