Студентите велат дека има многу корупција на македонските факултети, но се плашат да пријават, пренесува Сител.

Истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација покажува дека 20% од студентите сметаат дека корупцијата е многу или екстремно многу распространета во високото образование.

Според истражувањето, ситуацијата во Албанија и Србија не драстично различна. Речиси идентична е перцепцијата кај албанските студенти, а во Србија сметаат дека ситуацијата е полоша.

6% од студентите понудиле мито за подобра оценка, а 9 проценти се пожалиле дека професор им побарал мито.

Но корупцијата никој не ја пријавува. Само 3% од студентите кажале дека пријавиле корупција, официјално или неофицијално.

-Дури 20% наведуваат дека студентите мамат на испити или дека студентите ангажираат други лица да им пишуваат тези или семинарски работи. Значи, тоа се два од трите најкоруптивни практики коишто истражувањето ги утврди. И генерално во Македонија, за разлика од останатите земји, постои многу мала информираност кај студентите. Преку 90% воопшто не знаат ни како се пријавува корупција, ниту дали постои надлежна установа, вели професорот Мишо Докмановиќ, проектен менаџер.

Антикорупционерите сметаат дека корупцијата започнува уште при изборот на лица кои ги преземаат функциите на факултети. Но проблем е големиот број на високо-образовани установи.

-Самата хиперпродукција на универзитети што ја имаме во државата многу влијае и на намалување на квалитетот на самото образование во државата. И тоа е еден ризичен фактор за корупција бидејќи критериумите за избор во научно-образовни звања, трката по поголем број на студенти, сето тоа доведува до овие ризици од коруптивно однесување понатаму во самата работа на факултетите, вели Георгиев.

Дека образованието е во очајна состојба, смета и академик Таки Фити.

-Имаме сериозни слабости во системот на образование, на сите степени. Мислам дека тука, кога го гледате високото образование, работите се вратени и се во полоша ситуација отколку во раните транзициски години, вели академик Таки Фити.

Истражувањето освен во Македонија е спроведено и на јавните универзитети во Албанија и Србија во мај годинава, на примерок од 300 студенти со користење на техника лице в лице.