По ставањето на „црната листа“ Рамиз Мерко го замрзна членството во ДУИ, но не и градоначалничката функција. И денеска молк од општина Струга, се стегна обрачот околу Мерко но тој и понатаму е недостапен за јавноста и медиумите.

Во меѓувреме реакциите се се поостри. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека случајот со Мерко е доказ дека криминалците во Македонија царуваат и се заштитени од судиите и обвинителите кои ги поставуваат СДС и ДУИ.

Од ДКСК велат дека овој случај не е воопшто изненадување, туку е изненадување тоа што повторно нашите институции се разбрануваат откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби кај нас.

Новинарот Мирче Адамчевски за Студио 10 на Тв 24 вели дека црната листа во пракса не значи ништо оти не повлекува реперкусии дома. Она што е симптоматично според него е молкот на струшкиот градоначалник.Адамчевски не очекува дека нешто ќе се преземе во врска со корупцијата.

Инаку во вторникот, Стејт Департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и неговото семејство како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција. Оттаму рекоа тој злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси.