Казнет е скопјанецот кој бил снимен како со камион незаконски одложува отпад на улицата „Јужноморавски Бригади“ во Ченто.
Од Општина Гази Баба информираат дека инспекциските служби веднаш излегле на терен по објавеното видео на социјалните мрежи и го утврдиле идентитетот на сторителот.
„Утврден е идентитетот на сторителот. Станува збор за лицето Р.Ј. од Скопје. Согласно Законот, изречена му е глоба, а дополнително е задолжен и да го подигне незаконски одложениот отпад од локацијата“, соопшти градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој нагласува дека инспекциските служби се на терен во две смени, со цел да се спречи незаконското одложување отпад и да се заштитат јавните површини.
„Нема неказнивост. Секој кој ќе се огреши пред Законот и ќе го нарушува јавниот ред, чистотата и животната средина ќе одговара за своите постапки“, порача Стефковски.
Од Општината упатуваат апел до граѓаните да не одложуваат отпад на недозволени локации, нагласувајќи дека одржувањето на чиста општина е заедничка одговорност.
