Лендерот на кој се наоѓа малиот телевизиски робот „Јуронг“ слета на Марс, објави денес „ЦЦТВ“, додавајќи дека сигналот е примен на Земјата.

Спуштањето на црвената планета е особено комплицирано и бројните европски, советски и американски мисии биле неуспешни во минатото.

Вселенското летало слета на дел од црвената планета наречена „Утопија“, што е голема рамнина во северната половина на Марс.

Ова е прв независен обид на Кинезите да слетаат вселенско летало на Марс. Кина има амбиција да стори со оваа мисија сè што Американците успеале во неколку мисии на Марс од 60-тите години на минатиот век.

Во февруари Кина веќе успеа да ја постави сондата Тијанвен-1 во орбитата на Марс и да ја фотографира таа планета, а рано утрово го спушти лендерот на Марс од земја, од кој ќе излезе теледиректираниот робот.

Роверот „Јуронг“ со тежина поголема од 200 килограми е опремен со четири соларни панели и треба да работи три месеци. Исто така, има камери, радар и ласер што ќе му овозможи да ја проучува околината и да го анализира составот на карпите на Марс. Името „Јуронг“ е избрано по онлајн анкета и се однесува на Богот на огнот од кинеската митологија. Таа симболика е оправдана со кинеското име за Марс „хуоксинг“ што буквално значи „огнена планета“.

Кина веќе се обиде да испрати сонда на Марс во 2011 година во заедничка мисија со Русија, но обидот не успеа и Пекинг тогаш реши да ја продолжи својата вселенска програма самостојно.