Денеска ВМРО-ДПМНЕ одржа протест  пред министерството за здравство под мотото „Здравјето не е статистика, жените против неправдите”, а се обрати и Миле Лефков од редовите на опозициската партија. Во продожение еве и видео од неговиот говор.

 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков се обрати пред присутните. Во продолжение може и да го прочитате:

„Тука сме да зборуваме само за една тема, за неспособноста на министерот за здравство Венко Филипче. Здравството во државата ни го води целосно неспособниот министер Венко Филипче. Цела година од почетокот на кризата, кога сите светски лидери рекоа дека водат војна со невидливиот непријател, во Македонија граѓаните беа оставени сами да се снаоѓаат. Филипче сите го запомнивме по кампањата “Седи дома”. Венко Филипче сите го запомнивме по тоа што обврската за борба со пандемијата ја префрли на страната на граѓаните. И да бидеме искрени, сите граѓани го послушавме Филипче и седевме дома. А вчера читам една вест дека ниту еден здравствен работник не побарал одмор, а херојски си ја вршат својата работа. Со тоа покажале дека се уште безрезервно му веруваат на Венко. Но, што станува со неговите партиски браќа по функции и провизии, кои ненаситно си шетаат по светските плажи.

Втората вест што ја прочитав вчера е тоа дека Филипче признал дека нема вакцини. А само пред неколку месеци самиот тој излезе и кажа дека има вакцини од Фајзер, но не ја кажуваме бројката.

Сметам дека за Филипче, па и за сите други функционери да има кривична одговорност, затоа што свесно го лажат народот. Филипче свесно го лаже народот и создава лажни очекувања. И сите заболени и сите починати ќе одат на неговата душа. Особено оние кои што се заразија и починаа. Ние живееме во земја, за која вакцините се уште не се откриени. Додека цел свет се вакцинира, за нас вакцините не постојат. Е така им врати Венко Филипче на здравствените работници. И тие малце што ги има за здравствените работници беа донирани. Голема благодарност до Србија.

Венко Филипче само се грижи за партискиот интерес. Тој директно беше вклучен во сите кампањи на СДСМ. И денеска го нема. Се надевам дека грешам. Меѓутоа можам да се кладам, дека и денеска ќе го видите сликан, сниман до некој градоначалник како нешто отвора, како нешто промовира, а потоа си оди на ручек си седат со Мила Царовска и се смеат.

И за крај. Потребна е итна и неодложна оставка на министерот за здравство Венко Филипче. Затоа што ниту една партија, без разлика дали е ВМРО-ДПМНЕ дали е СДСМ или било која друга, не е поголема од државата. Ниту една партија не е поголема од народот и ниту една партиска задача не е поважна од задачата да се спасат животи. Венко терај си кампања и остави ги луѓето во Македонија на раат. Венко оставка – тоа е последната порака денеска од тука.“