Денеска имавме еден граѓански судски процес, во кој поранешниот министер за земјоделие, шумарство и водостопанство, воедно и поранешен вицепремиер за борба против корупција на Владата на Зоран Заев и поранешен генерален секретар на СДС, Љупчо Николовски, упати барање за извинување кон мене како граѓанин на државата, затоа што моите изјави му донеле душевна болка.

Во барањето вели дека изјавите на една од моите прес-конференции кои сум ги имал биле неточни, поточно за кусокот на жито од Агенцијата за стокови резерви и за доделување на грант за фирмата „Тргопродукт“, попозната со брендот МАМАС на Заеви, од ИПАРД програмата вреден 1,4 милиони евра, истакна денес Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено, денеска Љупчо Николовски не се појави во судница, зошто не знам, и не дојдоа на суд со факти против фактите кои беа изнесени на прес-конференција, а тоа е дека додека тој е министер во Владата и вицепремиер на Заев, имало кусок од 2000 тони жито од стоковите резерви, а потоа е набавена скапа пченица за стоковите резерви и за тоа дека како член на владата било дадено 1,4 милиони на фирмата на Заеви под име „Тргопродукт“. Наместо со факти да демантира, тој не дојде денеска на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека тој претрпел душевна болка. Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако сепак остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милиони евра, рече тој.

Манасиевски порача дека Николовски кој бил вицепремиер за борба против корупција, денеска малку контрадикторно функционира.

-Во тужбата што ја упатува кон мене, направил Вешт наод и мислење за душевно страдање, психичка болка и нарушување на честа и угледот кај него, односно кај лицето Љупчо Николовски, изготвен од страна на Проф. Д-р Стојан Бајрактаров, доктор специјалист психијатар, лиценциран судски вештак со лиценца. Зошто ова го говорам? Затоа што има индиции дека тој негов наод, изготвен од овој човек овде на сликата доле, Проф. Д-р Стојан Бајрактаров кој имено бил член на СДС, а исто така и повеќе пати бил донатор на партијата. Значи докторот кој го прави Вештиот наод дека лицето Љупчо Николовски бил душевно болен односно страдал од моите прес-конференции, повеќе пати бил донатор на партијата СДС. И што е најважно токму во времето кога генерален секретар на партијата е Љупчо Николовски. Ете заради ова сметаме дека е пристрасно и под влијание од страна на тужителот од причина што вештото лице кое го изготвило овој Вешт наод и мислење е долгогодишен член на СДС, донатор токму во времето кога тој бил генерален секретар на партијата, и дополнително бил именуван и како Директор на клиниката за психијатрија токму во владата на Зоран Заев, каде тужителот односно Љупчо Николовски, во тие моменти бил Министер за земјоделие, рече портпаролот на владејачката партија.

Манасиевски постави и неколку прашања до Николовски.

-Господинот Николовски, вели дека моите прес-конференции предизвикале душевна болка и страдање кај него, па би сакал да упатам прашање до господинот Николовски, зошто не земал боледување за истото или пак да се повлече од политиката, бидејќи моето лично мислење е дека лица кои имаат односно добиваат душевна болка и страдање од прес-конференција, не само што не треба да се бават со политика, напротив не треба ниту да извршуваат високи државни функции како што е функцијата пратеник. Еве го во моментите кога господинот Љупчо Николовски бил душевно болен. Гледаме како дава изјави на телевизија, гледаме како оди на конгрес и на неговата партија, гледаме овде понатаму како со актуелниот градоначалник на Крива Паланка се смеат, што според нас не сметаме дека му придонело некое душевно страдање. Но би сакал и да поставам неколку прашања до поранешниот вицепремиер за борба против корупција и поранешен генерален секретар на Социјалдемократскиот сојуз. Дали е точна информацијата дека од јавноста крие, поточно во имотниот лист, дуплекс стан од приближно 180 метри квадратни во Дајмонд мол? Доколку оваа информација е точна би сакал да го прашам поранешниот вицепремиер за борба против корупцијата, зошто вакви важни информации крие, од каде му се финансиски средства за таков луксузно наместен стан, и зошто, доколку е негов, не му е вметнат во имотниот лист? Дополнително, дали се точни информациите кои стигнаа до нас од свиркачи, дека додека бил на висока владина функција, ги злоупотребувал услугите од државата, во случајот службените возила на СОЗР, поточно да патува од Скопје до Крива Паланка и назад, неколку пати во месецот само за да се шиша кај својот пријател, Мартин Поцевски, кој патем, потоа станува и советник, внимавајте, во Советот на општина Крива Паланка, од редовите на СДС од периодот од 2021 година до 2025 година. Понатаму, дали е исто така точна информацијата дека фирмата Лариком шпед, во сопственост на братот на Љупчо Николовски, Илија Николовски, имала зголемување од над 1100% приход токму во времето на министерувањето на Љупчо Николовски, кој со своето претпоставувам влијание овозможил преку граничниот премин Деве Баир, пратките да ги презема фирмата на неговиот брат? – посочи тој.

Вели дека во 2018 година истата компанија имала приходи од 4,3 милиони денари, а во 2019 година приходите се 14,9 милиони денари, што значи дека отприлика за една година има раст од приходите за 10 милиони денари или раст на нето-добивка од 1.130 проценти. Нето-добивката од пола милион денари е зголемена на повеќе од 6 милиони денари.

-Еве мене ме интересира и би сакал да дознаам од господинот Николовски како брат на вицепремиер добива зголемување од над 1100% за само една година без некој да има влијание врз истото. Би му порачал исто така и на Љупчо Николовски да даде одговори на овие прашања, но исто така и на прашањето за тоа дали грантот за фирмата Тргопродукт какде брендот Мамас во сопственост на Заеви е вреден 1,4 милиони евра од ИПАРД програмата е подарок за Заев и Филипче затоа што биле отпишани 2000 тони жито? Истото ова го повикувам и ЈО да го испита, да истражи што се случило со житото, зошто е отпишано, и зошто за да се пополни дупката во стоковите резерви е купено жито во вредност повисока од таа што била на берзите? До очекување на одговорите од страна на Љупчо Николовски, се гледаме на следното рочиште, порача Манасиевски.