Нема да биде изненадување ако претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова в среда на 8 мај освои повеќе од 500.000 гласови, па дури и 600.000, но и ако ВМРО-ДПМНЕ има историски резултат од 61 освоен пратенички мандат на парламентарните избори, вели Мицкоски.

Ова го тврди Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во видео-интервју за поткастот на Плусинфо, во рамките на серијалот на бесплатно претставување на учесниците во кампањите за овој изборен циклус.

Покрај повеќемесечната работа на дизајнирање и претставување успешна изборна програма и проширување на победничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, кои се основни причини за успехот на 24 април, којшто ќе се повтори и в среда на 8 мај, Мицкоски ги анализира и причините кои се поврзани со владејачкиот СДСМ:

СДСМ уште на изборите во 2020 година беш зрел за пораз, но во услови на корона бевме сведоци на епска злоупотреба на државни пари и ресурси. Па дури и така, СДСМ таа година имаше убедливо најслаб резултат во однос на владејачките партии во повеќе европски земји, кои убедливо победуваа на изборите – анализира Мицкоски.

Потоа уследи големиот пораз на локалните избори на СДСМ во 2021 година, по што ВМРО-ДПМНЕ, имајќи ги предвид интересите на државата, безуспешно се обидува да дојде до предвремени избори и на еден нормален, демократски начин да се испочитува волјата на мнозинството избирачи.