МИСТЕРИОЗЕН ОБЈЕКТ ВО ПУСТИНАТА МОХАВЕ
Американскиот одбранбен и технолошки гигант „Lockheed Martin“ повторно е во фокусот на јавноста по појавата на видео што прикажува тестирање на мистериозен објект во пустината Мохаве, во полигонот Хелендејл, Калифорнија. Снимката, според авијациските портали, прикажува објект со невообичаена геометриска форма, монтиран на метален столб, што укажува на можен радарски експеримент.
Според првичните анализи, конструкцијата има дијамантски облик со мазни површини и остри рабови, додека техничкиот тим ја ротира и ја навалува под различни агли. На горниот дел се забележува синкава површина која, според експертите, може да биде материјал за апсорпција на радарски бранови.
Објектот не наликува на ниту еден познат модел на авион, иако има карактеристики слични на концептот „летачко крило“. Порталот The Aviationist пишува дека видеото прикажува контролирано тестирање на радарска видливост.
Во 2021 година, на истиот полигон бил забележан друг неидентификуван објект, но со различна форма и димензии. Аналитичарите сметаат дека новата структура може да претставува модуларен сегмент за мерење на радарска рефлексија или дел од прототип на идно летало. Некои го поврзуваат со делови од авион F-35, а други со експерименталниот модел „Boeing Bird of Prey“ од 1996 година, поврзан со развојот на авиони од 6. генерација.
Тест-полигонот Хелендејл, кој работи под одделот „Skunk Works“ на „Lockheed Martin“, служи за испитување на материјали и форми што ја намалуваат радарската видливост. Комплексот користи радарски низи и столбови што овозможуваат мерење на рефлексија од различни агли, често поставувајќи ги моделите наопаку за да се елиминира влијанието од земјата.
Експертите проценуваат дека снимениот објект најверојатно е тестен модел без летачка функција, користен исклучиво за калибрација на радарски системи. Снимањето, изведено од јавно земјиште, е законито, што потврди и авторот на видеото.
Иако намената на структурата останува непозната, појавата уште еднаш го потврдува континуираното развивање на експерименталните технологии на „Lockheed Martin“, компанија која стои зад повеќето американски програми за невидливи летала.