Едно од прашањата се однесуваше за ЕУ и ветувањата на власта дека само што Македонија не добила датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ.
-Мора да се потсетиме дека како што секоја година се ветуваше економска година од страна на Владата и во последната кампања за парламентарни избори примарно ветување беше сериозен напредок во делот на евроинтеграциите. Сега гледаме не напредок, ние имаме постојано уназадување. Факт е дека барањето кое што го имаме од страна на нашиот сосед Бугарија е надвор од рамките на едно нормално европско политичко дејствување. Но истовремено да погледнеме како функционира бугарскиот систем на политичко владеење, таму гледате дека имате Влада која што вели ние нема да излеземе надвор од рамките на позициите воспоставени од страна на Собранието. А, од друга страна во Македонија имаме неколку луѓе кои што преговараат, а ние како пратеници во Собранието, не сме информирани за што се случува. На Македонија под итно и се потребни црвени линии, односно тоа што се преговара со Бугарија, бидејќи очигледно надвор од еден мал круг на луѓе, никој не знае што се случува таму. А, истовремено ако ние сакаме да европеизираме нашата држава наместо секојдневно да сме сведоци на огромен број на скандали во правосудството, огромен број на скандали поврзани со високата корупција, ниту една суштинска промена во делот на реформа во правосудството, во делот на реформа на јавната администрација, да го направиме фокусот кон внатрешни реформи. Тоа е нешто што недостасува и тоа е една од причините и еден од објективните фактори зошто Македонија, кога гледате по критериуми што се мерат од релевантни меѓународни организации во овој момент назаднува во процесот на европска интеграција во делот на реформите, нагласи Муцунски.
Муцунски додаде дека оваа Влада на Заев вети европска интеграција и засилен економски раст, но назадуваме во делот европската интеграција, а во делот на економијата секој кој што работи во бизнис, секој наш граѓанин чувствува колку се полоши состојбите од ден за ден.