-Соодветната едукација и препознавање на формите на трговија со луѓе е клучно за да знаеме како да се заштитиме, како да реагираме, како да постапиме, и како истото да го пријавиме. Соодветната едукација ќе придонесе кон поголема заштита и превенирање младите да не влезат во синџирот на трговија со луѓе, велат од ромската невладина организација „ЛУЛУДИ“.
Тие месецов започнаа онлајн кампања, под слоганот „Информирај се! Секој може да биде жртва на трговија со луѓе“, која ќе се одвива социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм) како и нивната веб-страница), за едукација и подигнување на свеста кај младите и општата популација за препознавање на најчестите форми на трговијата со деца и девојки.
Во неа директно се вклучени средношколци од 9 средни училишта од Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Штип, како активни актери во општеството, млади лидери – промотори во спречување и превенција од трговијата со деца.
Во подготовката на промотивните видеа учествуваат ученици од средните училишта: СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ „Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип, СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип, СОУ „Јане Сандански” – Штип, СОУ „Перо Наков“- Куманово, СУГС „Шаип Јусуф“ – Скопје и СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје.
-Статистиките покажуваат дека милиони млади и деца, жени, но и мажи, секојдневно се принудуваат на сексуална експлоатација, принудна проституција, принудно питачење, и на други видови принуди. Проценето е дека на меѓународно ниво има помеѓу 20 и 40 милиони луѓе, кои се жртви на трговијата со луѓе, велат од ЛУЛУДИ.
Тие посочуваат на деветиот Генерален извештај на ГРЕТА, објавен март, 2020 година, кој вели дека во Европа е забележан тренд на зголемување на идентификувани жртви на трговија со луѓе за 44%, додека бројката на идентификувани жртви на трговија со луѓе во Европа во 2018 година била околу 15.300 лица.
-Во Македонија бројот на идентификувани жртви на трговија со луѓе во 2018 година е 9, од кои поголемиот дел се малолетни лица. Според Извештајот на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, 2019 година во РСМ од страна на институциите се идентификувани 6 жртви на трговија со луѓе, од кои 4 се деца, од женски пол. 86 потенцијални жртви на трговија со луѓе и тоа 67 женски и 19 се машки; од кои: 62 лица под 19 години, додека 24 лица се на возраст од 19-50 години. Во РСМ злоупотребата на деца преку присилна сексуална експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација се доминанти форми на трговија со луѓе, а најголемиот број евидентирани деца жртви на трговија се женски деца на возраст од 14 до 16 години, велат од ЛУЛУДИ.
Активностите во рамки на проектот „Сите заедно во спречување на трговијата со деца и девојки“ РАЖМ „ЛУЛУДИ“ ги спроведува во директна соработка со локалните организации: Здружение на мултиетничко општество за човекови права-Штип, Центар за ромска заедница „Дром“ од Куманово, АДРР „Сонце“ од Тетово , Рома Перспектив – Прилеп и ЗГ „Ромаверзитас“- Скопје и со средните училишта: СОУ „Никола Штејн“ – Тетово, СОУ „Орде Чопела” – Прилеп, СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп, СОУ „Димитар Мирасчиев“- Штип, СОУ „Коле Нехтенин“”- Штип, СОУ ,,Јане Сандански” – Штип, СОУ „Перо Наков“- Куманово, СУГС „Шаип Јусуф“- Скопје, и СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, и со поддршка од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието и општините: Град Скопје, Тетово, Штип, Куманово и Прилеп.
РАЖМ „ЛУЛУДИ“ заедно со своите соработници и вклучените средни училишта ги повикуваат сите млади, возрасни граѓани, невладини организации, институции и медиуми да бидат дел од оваа едукативна кампања за да се посочи на овој проблем во општеството, преку споделување на видеата и информативните пораки од средношколците преку своите канали за комуникација.
Како крајна придобивка од оваа кампања, велат од ЛУЛУДИ, ќе биде охрабрувањето на жртвите или нивните блиски да пријават доколку забележат злоупотреба.