Силно невреме ја зафати Хрватска, каде циклон над Јадранот носи дожд, снег и силен ветер низ целата земја. Во Горски котар и северозападниот дел веќе паѓа снег, кој значително го отежнува сообраќајот, додека во делови од земјата се очекува снежна покривка и до половина метар.
Метеоалармот е подигнат на највисоко, црвено ниво за северниот Јадран и Горски котар, со предупредувања за нагло заладување и пад на температурите до 15 степени. Во внатрешноста дождот преминува во снег, а во планините се очекуваат виулици и снежни наноси.
Обилните врнежи создаваат ризик од поплави, особено во Лика, Карловац и северниот Јадран, додека силниот ветер на приморјето достигнува и оркански удари. Сообраќајот е сериозно отежнат, патиштата се лизгави, а на делници има и забрани за одредени возила.
Поради снегот, во моментов нема слободен патен правец за товарни возила меѓу внатрешноста и приморјето, а на автопатот А6 снегот брзо го покрил коловозот. Дополнително, на државен пат кај Горње Јелење се случила несреќа кога автобус удрил во карпа.
Надлежните испраќаат предупредувања до граѓаните преку пораки и апелираат да се избегнуваат непотребни патувања и да се следат официјалните информации, бидејќи временските услови сериозно ја загрозуваат безбедноста.
