По големата победа над Бразил со 2:1, Норвешка не славеше само историски фудбалски триумф, туку создаде и нова навивачка сензација на Светското првенство.
Халанд во центарот на спектаклот
Ерлинг Халанд беше херој на натпреварот, откако со два гола во финишот, во 79. и 90. минута, ја урна една од најголемите фудбалски сили. Бразил успеа само да го ублажи поразот преку Нејмар, кој погоди во десеттата минута од судиското продолжение.
По последниот свиреж, норвешките фудбалери приредија прослава која за кратко време стана хит на социјалните мрежи.
„Викиншко веслање“ на стадионот
На трибините, десетици илјади норвешки навивачи имитираа веслање, а истото го направија и фудбалерите на теренот. Халанд зеде голема тапа и почна ритмично да удира, додека неговите соиграчи седнаа на тревата и синхронизирано го следеа движењето, како да пловат со викиншки брод.
Сцената веднаш стана една од највпечатливите на Мундијалот и симбол на огромната еуфорија што ја зафати Норвешка.
View this post on Instagram
Во прославата се вклучи и армијата
„Викиншкото веслање“ не остана само на стадионот. Норвешките вооружени сили објавија видео во кое пилоти, морнари, војници и други припадници на армијата го изведуваат истото движење – на палуби на воени бродови, во кокпити на борбени авиони и на планински врвови.
Од норвешките вооружени сили порачаа дека нема да дозволат овој тренд само така да помине. Посебно внимание привлече и видеото на Норвешката морнарица, која симболично објави дека „извеслала преку Атлантикот“ за да ја поддржи репрезентацијата во Њујорк.
Она што започна како прослава по головите на Халанд, за само неколку часа прерасна во национален феномен и еден од најпрепознатливите моменти на Светското првенство.
