Додека Јапонија се соочува со екстремни горештини и температури што на некои места се приближуваат до 40 Целзиусови степени, две јапонски компании претставија необично решение за разладување – „фрижидер за луѓе“.

Уредот, наречен Do Hiemon, претставува кабина изработена од нерѓосувачки челик со вградено седиште. Откако корисникот ќе влезе внатре, системот испушта силни млазови воздух разладен на околу 5 степени Целзиусови, насочени кон главата, вратот, рамената и грбот, за што побрзо намалување на телесната температура.

Температурата во внатрешноста на кабината се одржува на околу 15 степени, а од безбедносни причини уредот автоматски се исклучува по најмногу 20 минути работа. Кабината е висока околу 2,13 метри и длабока 1,2 метри, а нејзината цена изнесува околу 8.000 евра.

Производителите наведуваат дека работата на уредот чини околу 10 евроценти на час, што го прави поекономичен од класичните климатизери. Според нив, ова е првиот пренослив систем што овозможува разладување на целото тело и може да го намали телесното загревање побрзо од вообичаените климатизациски уреди.

Компаниите предлагаат кабините да се поставуваат на градилишта, земјоделски површини, трговски центри, училишта, фестивали и спортски терени, каде што луѓето би можеле да се освежат за време на високите температури. Според производителите, корисниците чувствуваат значително разладување по само пет минути, а десетминутен престој е доволен за ублажување на симптомите на топлотна исцрпеност.

Иновацијата доаѓа во период кога Јапонија е погодена од силен топлотен бран. Во градот Тојота температурата достигна 38,5 степени, додека во Токио надмина 36 степени. Метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови на некои места температурата може да надмине и 40 степени.

Минатата година Јапонија го забележа најтоплото лето од почетокот на мерењата во 1898 година, а годинава веќе се регистрирани смртни случаи и илјадници хоспитализации поврзани со топлотен удар.