Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ оствари ново појавување во холивудска продукција, глумејќи во најновото продолжение на популарната филмска франшиза. Во кратка сцена од филмот, најдобриот тенисер на сите времиња му држи час по тенис на ликот Кевин, чија улога повторно ја толкува познатиот глумец Овен Вилсон. Во објавениот видео клип од остварувањето исто така се појавуваат и легендарниот актер Роберт Де Ниро и Тери Поло.

Ова не претставува прв пат најтрофејниот светски рекет да застане пред филмските камери и да сними сцена за холивудски проект. Тој во минатото имаше снимено кратка улога и за акциониот блокбастер „The Expendables 2“, но неговата снимена сцена тогаш не влезе во финалната верзија што се прикажуваше во кино салите ширум светот.

Новото филмско остварување насловено „Дозвола за брак со новите Фокери“ е четвртиот филм од популарната комедиска серија која започна во 2000 година со култната комедија „Дозвола за брак“. Во првиот дел, главниот лик Грег Фокер, толкуван од Бен Стилер, правеше секакви напори за да го освои својот иден свекор Џек Бернс, кого маестрално го игра Роберт Де Ниро. Во најновото продолжение Грег се наоѓа на сосема другата страна од семејната динамика.

Неговиот син Хенри, чија улога ја игра Скајлер Гисондо, сака да стапи во брак со Оливија, лик во кој Грег нема никаква доверба. Оливија, која во приказната е поранешна преговарачка на ФБИ за заложнички кризи, ја толкува популарната пејачка и актерка Аријана Гранде. Додека Грег покажува голема сомничавост кон својата идна снаа, дедото Џек е целосно заљубен и воодушевен од неа. Станува збор за истиот оној Џек кој своевремено го стави самиот Грег на ригорозен тест со детектор за лаги. Целото семејство повторно се собира заедно по повод прославата на 80-тиот роденден на Џек, каде Грег и Оливија постојано влегуваат во комични обиди да се надмудрат меѓусебно.