Како стратешки партнери ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошното зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграција на земјава во Европската Унија, што е наша заеднички стратешки интерес, вели шефот на дипломатијата во обраќањето

Патот на земјата до овој клучен момент во својата историја не беше лесен, а претстојат и тешки одлуки. Но САД отсекогаш биле и секогаш ќе бидат ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можности во рамките на европската заедница, истакна американската амбасадорка во земјава

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во заедничко видеообраќање денеска ја честитаа годишнината од стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави (САД).

Во обраќањето двајцата ги реафирмираа заедничките заложби за понатамошно зајакнување на соработката и поддршката на САД за евроинтегративните процеси на земјава.

Стратешкиот дијалог, вели Османи, е значајна пресвртница во севкупните билатерални односи меѓу двете земји.

„Денес е втори јуни, кога ја одбележуваме втората годишнина од одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави (САД), а кој заедно со државниот секретар Ентони Блинкен го лансиравме минатата година во Вашингтон. Стратешкиот дијалог е значајна пресвртница во севкупните билатерални односи и логичен чекор напред по безмалку 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, по 15 години стратешко партнерство и три години силно сојузништво во НАТО-алијансата“, вели шефот на дипломатијата.  

Тој потенцира дека САД се дел од нашата приказна уште од самото осамостојување на земјата, а нашите меѓусебни односи стануваат сè подлабоки и поцврсти.

„Како стратешки партнери ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошното зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграција на земјава во Европската Унија, што е наш заеднички стратешки интерес. Нека ние честита првата годишнина од стратешкиот дијалог, а ние продолжуваме да работиме заедно и посветено за уште поголеми успеси и постигнувања“, порачува Османи.  

Американската амбасадорка, истакнувајќи ја важноста на стратешкиот дијалог, посочува дека патот на земјата до овој клучен момент не бил лесен, додавајќи дека претстојат тешки одлуки. Но САД, нагласува таа, секогаш биле и ќе бидат наш постојан поддржувач и најголем пријател.

„Годишнината од стратешкиот дијалог е можност да се осврнеме на повеќе од три децении американско-македонско партнерство, на она што го постигнавме заедно, како и на заедничките предзвици што следуваат. Патот на земјата до овој клучен момент во својата историја не беше лесен, а претстојат и тешки одлуки. Но САД отсекогаш биле и секогаш ќе бидат ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можности во рамките на европската заедница. Ви посакувам уште многу среќни и успешни јубилеи“, вели американската амбасадорка Агелер во заедничкото видеообраќање со Османи.   

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГИ ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ