Полициски службеник од Полициската станица за граничен надзор Чашка ќе одговара откако пукал со пиштол на семејна прослава. Според МВР, тој испукал повеќе куршуми во дворот од семејната куќа, пред поголем број гости.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против З.Р. поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Според информациите од Министерството, инцидентот се случил на 22 мај годинава во дворот на семејната куќа на полицискиот службеник.

Тој, како што наведува МВР, испукал повеќе истрели од огнено оружје во присуство на поголем број гости, со што предизвикал опасност по животот и телото на присутните.

Освен кривичната пријава, против полицискиот службеник ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност.

Од МВР најавија дека ќе му бидат изречени задолжителни мерки, а до завршување на дисциплинската постапка ќе биде отстранет од работното место.