Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на официјалната церемонија во рамки на самитот во Дубаи ја подигна значајната меѓународна награда доделена за македонскиот безбедносен проект. Станува збор за глобално признание кое ја валоризира посветеноста на реформите во патниот сообраќај.

Како што соопшти министерот преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, наградата е врачена на свечен настан организиран во рамките на глобалната полициска конференција.

„Светската награда за „Безбеден град“ свечено врачена во Дубаи! На официјалната церемонија во рамки на World Police Summit 2026 во Дубаи, ја имав честа да ја примам престижната награда „Excellence in Road Safety“, која Македонија ја освои за проектот „Безбеден град““, објави Тошковски.

Тој подвлече дека ова претставува значајно меѓународно признание за државата, за полициските сили и за сеопфатната реформа преку која се поставуваат современи сообраќајни стандарди. Македонија, според неговите зборови, покажа јасен капацитет за создавање модерни решенија и имплементација на суштински промени препознаени на светско рамниште.

„Оваа награда му припаѓа на секој македонски граѓанин кој веруваше во оваа промена, ја поддржа и со својот придонес стана дел од заедничката мисија за побезбедни патишта“, напиша Тошковски.

Министерот истакна дека добиеното признание не означува крај на активностите, туку носи дополнителна одговорност за уште порешително дејствување кон остварување на клучните безбедносни приоритети.

„Но, ова признание не е крајната цел. Тоа е дополнителна одговорност да продолжиме со уште поголема решителност во она што е најважно, да го намалиме бројот на сообраќајни несреќи, да спречиме трагедии и да заштитиме што повеќе човечки животи. Продолжуваме уште посилно! За побезбедни патишта, за заштитени човечки животи, за побезбедна Македонија!“, порача Тошковски.