На снимките јасно се гледа кој го удрил српскиот полицаец повреден пред РТС
Кој го удри полицаецот пред РТС? Ова прашање ја бранува српската јавност. На социјалните мрежи се појави снимка на која јасно се гледа како припадник на жандармеријата го удира полицаецот во цивил Лазар Бачиќ. Тој претрпел повреда на окото за време на протестите пред зградата на РТС во Белград.
На видеото, објавено на социјалната мрежа X, се гледа како полицаец со опрема за разбивање демонстрации со тупаница удира маж во цивилна облека. Тој стои на оградата на улицата Абардaрева, по што тој ја губи рамнотежата и паѓа на земја. Врз основа на облеката што ја носел повредениот маж, како и според други снимки и фотографии, може да се заклучи дека станува збор за повредениот полицаец Лазар Бачиќ, пишува N1 Србија.
Погледнете го видеото ТУКА.
Претходно се појави уште едно видео кое го прикажува полицаецот во цивил пред почетокот на интервенцијата на Жандармеријата. На снимката се гледа како полициски кордон се движи кон влезот на РТС на улицата Абардaрева. Редарите формираат жив ѕид пред влезот. Полицаецот во цивил се движи долж оградата, застанува, а потоа „влетува“ во колоната униформирани полицајци кои се движат со забрзано темпо, по што, според сè, добива удар што го повредува.
Само неколку секунди подоцна, се гледа како се оддалечува од местото на настанот во спротивна насока, со повредено око.
Студентите се изземаат од одговорност. Според неофицијални информации, претходно еден граѓанин прашал: „Дали сте добро, ви треба ли помош?“.
Вучиќ обвинува демонстранти, што кажуваат снимките?
И покрај тоа што од приложените информации е јасно како бил повреден полицаецот Бачиќ, српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа брзо излезе со тврдење дека зад нападот стојат „болшевичките пленумаши пред зградата на РТС“.
Вучиќ објави фотографија со Бачиќ, тврдејќи дека полицаецот бил „удрен со боксер“.
„При пристигнувањето на задачата и влегувањето во зградата на РТС, со цел задржување внатре, Жандармеријата беше попречена и нападната, при што еден припадник на Жандармеријата беше повреден и пренесен во Ургентниот центар поради повреда на окото“, велат од српското МНР.
Според нив, по влегувањето на Жандармеријата во зградата на РТС, немало судири и интервенции.
Да потсетиме, пред зградата на РТС се случи инцидент кога Жандармеријата проби жив ѕид од студенти. Српската јавност со поделено мислење на тема: Кој го удри полицаецот пред РТС?