Собранието на акционери ја одобрило продажбата
Култните скопски хотели „Бристол“ и „Јадран“, познат и како „Арапска куќа“, во центарот на Скопје ќе бидат ставени на продажба, објавува Фокус. „Македонијатурист“ преку Македонска берза објави дека Собранието на акционери ја одобрило продажбата на овие два хотела. Покрај нив, на продажба ќе бидат ставени и становите што ги поседува акционерското друштво на улицата „Максим Горки“, како и деловниот простор „Пивница“. Цената по која ќе се продава имотот ќе ја утврди овластен проценител.
Видеото може да го погледнете ТУКА.
„Бристол“ со децении е дел од скопската историја
Хотелот „Бристол“ во 2023 година требаше да одбележи 100 години од своето постоење, но објектот со години е затворен. Се наоѓа во близина на старата Железничка станица, а името го добил според истоимениот ланец хотели. Го изградиле браќата Атанас и Ристо Караџа во 1923 година, ценети скопски трговци и угледни граѓани. Во хотелските соби биле воведени телефонски приклучоци, а објектот имал и гаража со капацитет за неколку автомобили. Во „Бристол“ престојувала и познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, за време на нејзините посети на Македонија во периодот меѓу двете светски војни. Хотелот е поврзан и со повеќе значајни моменти од скопската историја, меѓу кои и атентатот врз првиот македонски претседател Киро Глигоров.
„Јадран“ е историски споменик на културата
Хотелот „Јадран“, пред да стане угостителски објект, бил познат како „Арапска куќа“ и се наоѓа во строгиот центар на Скопје, на малиот плоштад што го носи неговото име, сквер „Јадран“. Објектот е дело на архитектот Иван Артемушкин, руски мигрант кој ја завршил градбата во 1938 година. Куќата со ориентална архитектура била сопственост на браќата Дикиџијан, трговци со ерменско потекло познати по производството на свилени шамии во Скопје. Според градската легенда, Агоп Дикиџијан ја изградил вилата како подарок за својата невеста Агавни. Поради својата архитектонска вредност, Арапската куќа во 1989 година е прогласена за историски споменик на културата, а истата година било направено и нејзиното последно преуредување.
„Македонијатурист“ доби одобрение и за купување парцела од 8.081 квадратни метри во населбата Реонски центар во Општина Аеродром, на улицата „Г. Константиновиќ“ во Ново Лисиче, по цена од 17,7 милиони евра. Компанијата објави дека на оваа локација ќе гради станбен и деловен простор, кој по изградбата ќе се продава или издава, а парцелата веќе има градежна маркица. „Македонијатурист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест Вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од хотелите што се продаваат, се активни и работат.
