Обилни врнежи и ветрови над 100 км/ч предизвикаа поплави, прекин на сообраќајот и затворање училишта низ земјата.
Силно невреме ја погоди Грција во средата, при што загинаа две лица, а голем дел од земјата се соочи со обилни врнежи, силни ветрови и сериозни поплави.
Во градот Астрос, на источниот Пелопонез, загина припадник на крајбрежната стража откако бил удрен од бран додека ги предупредувал рибарите да го напуштат пристаништето. Неколку часа подоцна, жена го загуби животот во атинското предградие Глифада, откако надојдена вода однела автомобил во кој се наоѓала.
Според метеоролозите, во одредени делови на земјата ветровите надминале 100 километри на час, што довело до прекин на траектниот сообраќај и затворање училишта во Атина и во делови од западот и југот на земјата. Во главниот град, за само еден ден наврнал дожд еквивалентен на количината што вообичаено паѓа за шест недели.
Властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, додека спасувачките служби интервенираа на поплавени патишта и оштетена инфраструктура. Поради вонредната состојба, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја одложи планираната посета во странство.
