Пожарот избувнал во повеќекатна зграда во Џинџијанг, а спасувачките екипи евакуирале повеќе од 200 лица

Најмалку 28 лица загинаа во голем пожар што избувна во фабрика за чевли во градот Џинџијанг, во кинеската покраина Фуџијан, соопшти државната новинска агенција „Xinhua“.

Пожарот избувнал во четвртокот околу пладне по локално време во фабриката за чевли „Huiteng“. Огнената стихија брзо ја зафатила повеќекатната зграда, при што дел од работниците останале заробени на покривот.

Во фабриката имало 239 лица

Според кинеските медиуми, во моментот на пожарот во објектот се наоѓале вкупно 239 лица. Од нив, 213 биле евакуирани. Две лица починале откако биле пренесени во болница за итна медицинска помош.

Објавените снимки од местото на несреќата покажаа дека пламените јазици ја зафатиле целата зграда, додека густ црн чад се издигнувал над објектот. На покривот можеле да се забележат околу десетина луѓе кои чекале спасување.

Кинескиот претседател Си Џинпинг побарал максимални напори во спасувачката акција и повикал одговорните лица за пожарот да бидат строго казнети.

Тој посочил дека несреќата следува по серија смртоносни инциденти во производствени погони низ земјата во последните месеци.

Запаливите материјали го забрзале ширењето на пожарот

Првичните информации укажуваат дека пожарот започнал на приземјето од фабриката, изјавил локален претставник за кинеската телевизија CCTV.

Според него, материјалите што се користат во производството на обувки биле складирани во објектот и можеле да придонесат за брзо ширење на огнот.

Џинџијанг е еден од најголемите центри за производство на обувки и облека во Кина. Градот често се нарекува „град на обувките“, а според официјалните податоци, компаниите од ова подрачје произвеле повеќе од 1,2 милијарди пара обувки во 2024 година.