Како е можно фирма како Електра Солушн која немала ниту лиценца за надзор кога се отвора тендерот од 22 милиони евра, да оформи Конзорциум, да го добие тендерот и да наплати најголем дел од колачот, ако нема други работи кои не и се познати на јавноста?, прашува пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.
Според него, ЈО мора да отвори постапка и да утврди како Електра Солушн која поднесува за лиценца за надзор во сред јавен повик за прибирање понуди, и ја добива за само 5 дена успева да го добие тендерот.
– Мора да се даде одговор на прашањето кога Електра Солушн ги контактирала ЕПТИСА и ИРД, како и Евро Консалтинг на бараниот со меѓународна потерница Бранимир Димитријевиќ и како успеале да направат договор за заеднички настап во само неколку дена? Зошто ИРД за која како што велат од владата е фирма со меѓународно искуство чекала Електра Солушн фирма за производство на долна облека да добие лиценца за да поднесат понуда за учество на тендер од 22 милиони евра? – рече Стојаноски.
Тој вели дека ЈО треба да утврди како Електра Солушн добива најголем дел од колачот, иако ИРД на хартија е носител на Конзорциумот.