Го повикуваме народот да биде внимателен и сериозно да ги следи состојбите бидејќи на Заев не може да му се верува. Тој до сега безброј пати покажа дека едно ветува, а друго прави. Заев се колнеше во најмилото, и тврдеше дека идентитетот е бетон, а потоа се случи нешто сосема друго, изјави на денешната прес конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Зоран Заев криеше од јавноста и дека воопшто преговара, за откако ВМРО-ДПМНЕ го прозва да признае. Сега Заев крие за што разговара. ВМРО-ДПМНЕ е сериозно загрижена за државата. Сите ги знаеме бугарските позиции. Но, никој не ги знае позициите на Зоран Заев, тој јавно ги менува своите ставови и ја понижува Македонија. Заев јавно кажуваше дека македонскиот и бугарскиот народ се исти, исто како и јазиците. Заев во своите интервјуа сто пати ги продаде нашите историски личности. После таквите испади на Заев тој нема повеќе преговарачки капацитет. Позициите на Македонија со Заев се разнишани и постои сериозна опасност дека секој договор што тој би го постигнал ќе биде на штета на државата, вели тој.

Стојаноски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ однапред кажува дека нема да почитува договор кој ќе значи негација на Македонија, нејзината национална посебност, јазик и историја.

– Дополнително го повикуваме Заев јавно да каже и да ја запознае јавноста за што преговара и дали на маса е нов национален пораз. Уште еднаш апелираме до народот со големо внимание да ги следи случувањата и да биде подготвен да ги браниме националните црвени линии. 4 години со Заев само порази, 4 години со Заев украден живот. Доста е, додаде тој.