Бурна реакција на таткото на Фросина: „Судот е мафија“

Васил Јованов, кој во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази 24-годишната Фросина Кулакова, денеска беше осуден на 12 години затвор. Тој беше прогласен за виновен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Покрај затворската казна, доби и забрана за управување моторно возило во траење од пет години.

Васил Јованов осуден на 12 години затвор

Солзи, гнев и незадоволство во судницата

Пресудата предизвика бурни реакции во судницата. Видно вознемирен и гневен, таткото на Фросина, Тодор Кулаков ја напушти салата извикувајќи: „Судот е мафија!“

Погледнете го краткото видео.

Неговото незадоволство произлегува од тоа што судот не ја изрече максималната казна од 20 години, која ја бараше семејството на трагично загинатата девојка. Мајката и сестрата на Фросина останаа во судницата до крајот на изрекувањето на пресудата, облечени во маички со натписот: „Правда за Фросина“.

Судот ги ценел и отежителните и олеснителните околности

Судијката Снежана Марковска објасни дека Судот ја ценел загубата на млад човечки живот како отежнувачка околност, но и претходното „деликвентно“ однесување на обвинетиот. Јованов и претходно бил евидентиран со прекршоци во сообраќајот.

Трагичниот настан се случи кога Јованов, без возачка дозвола, под дејство на алкохол и со брзина од 90 километри на час, удри во Фросина на обележан пешачки премин. Таа почина на лице место.

Иако обвинетиот изрази каење и прифати вина, семејството на Фросина смета дека правдата не е доволно задоволена.

Извор: Слободен печат