Современа технологија овозможува набљудување на опасните предатори
Истражувачите пронашле начин како да ги следат поларните мечки без да се изложат на ризик. Наместо директно набљудување, камери се прицврстени на специјални ѓердани, овозможувајќи им на мечките „да ги снимаат сопствените животи во дивината“.
Снимките се направени уште во 2016 година, кога тим на Геолошкиот завод на САД ги поставил уредите на Арктикот. До тогаш, поголемиот дел од знаењето за однесувањето на мечките било базирано на истражувања стари повеќе од 40 години, што значело дека податоците биле ограничени и застарени.
Однесување и лов во екстремни услови
Научниците се фокусирале на потрошувачката на енергија на поларните мечки, кои за да ја одржат телесната маса имаат потреба од големи количини храна. Температурите во нивната средина достигнуваат и до -30 степени Целзиусови, што го отежнувало директното набљудување на терен.
„Ѓерданите со камери ни овозможија директен увид во нивните типични активности: колку се подвижни, колку често ловат фоки, како се однесуваат со други мечки и колку време трошија во чекање на плен“, објаснува Антонио Пагано, водач на истражувачкиот тим.
Предатори од заседа и нови сознанија
Поларните мечки се предатори од заседа, чекајќи покрај дупките во мразот и мирно останувајќи половина ден додека пленот не се појави. Снимките покажуваат моментот кога мечката ја забележува фоката и одеднаш напаѓа.
„Навистина е фасцинантно да се учи за основните облици на однесувања и како ја користат замрзнатата средина“, додава Пагано.
Ова истражување не само што обезбеди вредни податоци за животот на поларните мечки, туку покажа и како технологијата може да ја движи науката напред без загрозување на човечките животи.
