Четириесет и четиригодишен жител на Прилеп е лишен од слобода на граничниот премин Табановце, поради сомнение за сторено кривично дело измама, при што од едно лице од Валандово прибавил околу 88.300 евра.
Апсењето се случило на 30 април 2026 година, по претходно добиени информации, а акцијата ја спровел Одделот за криминалистичка полиција во координација со СВР Струмица – ОВР Валандово.
Според досегашните сознанија, во периодот од јули до ноември 2025 година, осомничениот Б.К. (44), со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда лице од Валандово, прикажувајќи лажни факти дека ќе помогне во организирање лекување во странство за неговата сопруга.
Оштетениот во повеќе наврати му уплатил вкупно околу 88.300 евра (5.549.200 денари), а во меѓувреме неговата сопруга починала.
Осомничениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Гевгелија, кој му изрекол мерка за претпазливост.
