Судијката од Кривичниот суд во Скопје, Сандра Крстиќ, во дебатата на „360 степени“ рече дека за да се направи таква контрола потребен им е и технички советник кој ќе го упати судијата за контролата да биде ефективна.
– Ние мораме да знаеме во која насока ќе се движиме, што ќе гледаме кога ќе отидеме во ОТА. Судијата има право таму да влезе каде што е радиостаницата, да стави слушалки, да слуша, потоа има право да изврши увид во електронскиот регистар, да се прочитаат логовите. Но, сето тоа е операција којашто ние како судии не може да ја познаваме и затоа имаме предвидено технички советник, рече Крстиќ.
Таа додаде дека ваква контрола била предвидена уште лани, но поради пандемијата таа е одложена. Нејзиниот колега од Кривичниот суд, судијата Ненад Савески констатираше дека, за жал, реалност е дека граѓаните немаат голема доверба во институциите.
– Реалноста е таа, за жал, вчера беа констатирани оставки на дел од членовите од Граѓанскиот надзор, тоа е лош сигнал за состојбата во оваа сфера, но не значи дека треба да се откажеме … Но, нашето поле на делување е нашето судско постапување. Во секој поединечен предмет се обидуваме да ги имплементираме стандардите и ние тука можеме најсилно да придонесеме кон подобрување на состојбите со сериозно ценење дали во одреден случај за одредено лица дали треба да му се определат посебни истражни мерки, додаде Савески.