Македонскиот џиу џицу борец Зоран Колевски му донесе втор златен медал на националниот тим на Балкан опен во Атина.

Во категоријата до 62 килограми, Колевски извојува четири победи, од кои три завршени со фул ипон. Во финалната борба го совлада Шпанецот Алфонсо Рамос со максимален резултат и го донесе второто злато за Македонија на ова натпреварување.

Во истата категорија настапи и Данил Николиски, кој оваа година се натпреваруваше во потешка конкуренција од очекуваното – наместо во својата стандардна до 56 килограми, влезе во категоријата до 62 кг. Тој заврши на деветтата позиција.

Синоќа, македонската репрезентација се закити со првото злато преку Катерина Ацевска, која во сениорска конкуренција, во категоријата над 70 килограми, го освои врвот на подиумот.

Очите сега се насочени кон утрешниот настап на Антонио Стојчески, кој ќе се бори за медал во категоријата до 69 килограми и од кого македонската екипа очекува трето одличје.

Балкан опен оваа година собра рекорден број учесници: покрај членките на Балканската федерација, настапуваат уште 13 држави со вкупно 1329 борци.

Резултати:

  • У-18, +70 кг: Марија Треневска – Марија Балјак (БиХ) 9:19

  • У-21, -62 кг:

    • Зоран Колевски – Алекс Гундерсон (Швајцарија) 50:0

    • Зоран Колевски – Андфреј Кристија Стан (Романија) 11:4

    • Зоран Колевски – Константинос Баласкас (Грција) 50:0

    • Финале: Зоран Колевски – Алфонсо Рамос (Шпанија) 50:0

  • Данил Николиски – Даниел Флуек (Швајцарија) 50:0

  • Данил Николиски – Стаматос Боикос (Грција) 8:18 (9. место)